Музиката и аранжманот се на Андоновски, текстот го напиша Магдалена Цветкоска-Ена, а режијата и продукцијата на спотот се на Јани Патче од Битола. Во спотот глуми неговата сопруга Христина (фото).
Во изминатите години, Андоновски беше посветен на компонирање, аранжирање и продукција за други пејачи, како и на пишување музика за театарски претстави во Македонија и Србија, за што добиваше и награди.
„Сакав да создадам песна што буди добро расположение, лесно влегува во уво и шири позитива. Мило ми е што со ‘Губам контрола’ повторно ја споделувам мојата музика со публиката. Наскоро ќе биде достапна и мојата официјална страница, каде што на едно место ќе бидат собрани сите мои песни, видеа, соработки и настапи, како и проектите поврзани со мојата работа како музички продуцент и автор на поп, театарска и филмска музика“, вели Андоновски.
Андоновски е роден во Битола, а музичката кариера ја започна уште како дете, со настап на фестивалот „Си-До“ во 1994 година. Беше дел од музичкиот проект „М2“, настапуваше на Макфест, а во 2014 беше придружен вокал на Тијана Дапчевиќ на Евровизија. Публиката го памети и по соработката со групата „Тајфата“.