Огромен железнички тунел што се протега 15 километри под Швајцарските Алпи е речиси завршен и негово официјално отворање се очекува во септември.

Со Ченери се заокружува Новата железничка врска низ Алпите, долга околу 400 километри, која беше одобрена од швајцарските гласачи на референдум во 1992 година. Вреден две милијарди евра, Ченери е трет најголем тунел од овој проект, по Готхард (57 километри) и Летшберг (33,6 километри), кои беа завршени во 2016 и 2007 година.

Ченери се надоврзува на Готхард, кој во својата најдлабока точка лежи на 2.440 метри под алпските врвови. Најновиот тунел ќе го растовари локалниот железнички сообраќај, особено меѓу градовите Локарно и Лугано.

Пругата долж Новата железничка врска почна да се конструира во 2006 и последните шини беа поставени во мај 2018. Оваа линија ќе го скрати патувањето од Цирих до Милано од четири на два и пол часа.

Првите скици за Готхард, чија изградба чинеше девет милијарди евра, се направени уште во 1947, но тој конечно почна да се гради пред 17 години. И покрај карпестиот терен на Алпите, тунелот е речиси целосно прав по целата своја должина, па возовите можат да возат и со 250 километри на час.

(Фото: Шатерсток)