„Модерно семејство“, една од најпопуларните американски хумористични серии, вчера се прости од гледачите по повеќе од 250 епизоди за 11 сезони. Двочасовното финале беше составено од ретроспективен документарец и дводелна епизода.
Серијата која следеше три гранки од едно исто семејство уживаше голема популарност кај гледачите и критиката откако почна да се емитува во 2009 година. Во 2012 освои Златен глобус за најдобра комична серија, а на својот врв во 2013 и 2014 година имаше најмалку 14 милиони гледачи секоја недела.
„Ова беа неверојатни 11 години. Вие ќе останете мое семејство засекогаш“, напиша Софија Вергара на Инстаграм, која благодарение на серијата стана најплатена ТВ-актерка на светот.
За разлика од некои други серии, „Модерно семејство“ не беше погодена од пандемијата на коронавирусот, бидејќи продукцијата беше завршена порано.