Интересна и духовита е стендап комедијата на Тијана Дапчевиќ, „Менопауза“, која по ланската премиера во Белград и околу 40 гостувања во регионот и Европа, вчера (19 април) играше во Филхармонијата во Скопје. Текстот е на Данило Вукотиќ, а режисер е Раде Вукотиќ.
Македонската музичарка, која долги години живее во Белград, низ ликот на Марина Станковиќ искрено зборува за промените на една жена во менопауза. Драматичниот стендап симболилчно почнува со хитот „Денес сум луда“ (Данас сам луда) од Јосипа Лисац, со текст прилагоден на жена во менопауза..
„Една од работите за кои не само што не се зборуваат гласно, туку и се премолчуваат е сувоста. Бев во аптека и ги купив сите препарати што ми ги понуди аптекарката, само за да не се враќам повеќе на тоа место“, вели ликот на Марина Станковиќ во комедијата.
„Кога ќе влезеш во менопауза, животот ти се претвора во реално шоу“, е една од приказните на Марина Станковиќ.
Дапчевиќ раскажува за промените во расположението, жешките бранови, промените во сексот и за големата траума на ликот кој го игра, летувањето со сопругот.

„Се залепив на лежалката од жештина, а на маж ми му дозволив да ме слика само од дрон“, вели Тијана Дапчевиќ.
Таа зборува и за искуствата на нејзините пријателки во овој период, за баба ѝ, која лесно го поминала климаксот и за честото заборавање каде ѝ се нештата.
„Скопјенце мое, те сакам“, рече Дапчевиќ кога публиката на крајот ја испрати на нозе и со голем аплауз.
На свој оригинален начин, Тијана, која веќе докажа дека освен во пеење е одлична и во глумата, ја насмеа публиката во Скопје. Втората изведба во Скопје е утре (21 април), следниот ден гостува во Кавадарци, на 23-ти е во Битола на отворањето на Фестивалот на монодрамата, на 24-ти е во Охрид, а на 25 април во Струмица. Сите настани се во тамошните центри за култура, а ги организира продукцијата „Евентум“.
М. ЏАРОВСКА