Војводата и војвотката од Сасекс испратија писма до уредниците на британските таблоиди, во кои велат дека никогаш повеќе нема да соработуваат со нив. Во писмата на принцот Хари и Меган до „Сан“, „Дејли мејл“, „Мирор“ и „Експрес“ стои дека отсега ќе имаат „нула соработка“, освен кога ќе треба да комуницираат преку адвокати.
Славната двојка ги обвини таблоидите дека објавуваат текстови за нив кои се „искривени, лажни и неразумни“. Тие дури покренаа тужба против весникот „Мејл он сандеј“, бидејќи објави рачно напишано писмо на Меган до татко ѝ Томас, што му го пратила пред свадбата. Таа во меѓувреме самата ја објави содржината на ова писмо.
Во писмото до таблоидите тие исто така наведуваат дека веруваат дека слободата на медиумите е камен-темелник на секоја демократија и повикуваат на одговорност за сите кои ќе го злоупотребат системот.
„Овој потег не го правиме за да избегнеме критикување, ниту, пак, сакаме да ги затвориме јавните дискусии или да го цензурираме точното извесување. Медиумите имаат право да известуваат или да имаат мислење за војводата и војвотката од Сасекс, добро или лошо. Но, тоа не може да се базира на лага“, велат тие.
Хари и Меган од 31 март веќе немаат кралски должности, откако во јануари најавија дека сакаат да се повлечат од британското кралско семејство. Од Лондoн се преселија во Канада, а изминатиов период живеат во Лос Анџелес.