ГОЛЕМИТЕ ГРАДОВИ САКААТ ДА ИЗЛЕЗАТ ОД КРИЗАТА СО КОВИД-19 СО ПРОШИРЕНИ ВЕЛОСИПЕДСКИ И ПЕШАЧКИ ЗОНИ

Милано, (Гардијан)

Градовите низ светот веќе се подготвуваат за животот после КОВИД-19, преземајќи низа еколошки иницијативи во интерес на јавната безбедност, намалувањето на аерозагадувањето и борбата против климатските промени. Некои градови веќе објавија конкретни мерки, како стотици километри нови велосипедски патеки во Милано и Мексико Сити и проширување тротоари и пешачки зони во Њујорк, Сиетл и Лондон.

Иницијативата поддржана од градоначалниците на градови од Европа, Америка и Африка е осмислена така да им овозможи на луѓето побезбедно да се движат по урбани простори каде што социјалното дистанцирање ќе биде норма во блиска иднина, а притоа да не се зголеми аерозагадувањето.

Така Милано ја претстави една од најамбициозните велосипедски и пешачки шеми во Европа, што ќе опфати трансформација на 35 километри улици, додела Париз планира да издвои 300 милиони евра за изградба на мрежа на велосипедски патеки, што ќе ги следат постојните линии на подземната железница.

Богота, главниот град на Колумбија, ќе им отстапи 120 километри улици на велосипедистите преку цела недела, а ќе бидат отворени и дополнителни патеки во вкупна должина од 75 километри. Њујорк, пак, го претстави планот за отворање на 160 километри улици за „општествено одговорно рекреирање“ додека трае кризата со коронавирусот.

Мексико Сити планира 130 километри нови велосипедски патеки, а Барселона додава 30.000 квадратни метри на постојната пешачка мрежа и уште 20 километри велосипедски патеки. И шкотската влада најави дека ќе вложи 10 милиони фунти во креирање нови пешачки и велосипедски маршрути.