Меѓународниот институт за економски истражувања во Виена предложи план за изградба на супербрза железничка мрежа која би ги поврзала речиси сите главни градови во Европа. Таа би се финансирала и од огромниот европски пакет за заздравување од пандемијата на коронавирусот и би овозможила да се преполови сегашното време за патување и би ја намалила зависноста од авионскиот превоз.
Овој план предвидува четири основни маршрути:
- Даблин-Париз, со траектна врска меѓу Корк (Ирска) и Брест (Франција).
- Лисабон-Хелсинки: би поминувала преку Шпанија и Франција (Париз) до Белгија и Холандија, пред да се подели кон Германија (Берлин), Полска, балтичките земји, па преку Стокхолм и Копенхаген до крајната дестинација.
- Брисел-Валета: низ Белгија, Германија, Швајцарија и Италија, па со траект до Малта.
- Берлин-Никозија, со траектна врска Пиреја (Грција)-Пафос (Кипар): оваа линија би ги поврзала главните градови во централна и југоисточна Европа, вклучувајќи го и Балканот.
- Една од станиците би било и Скопје, од каде што пругата би продолжила кон Атина. Вкупната должина на железничката мрежа низ Македонија би изнесувала 144 километри.
Европа веќе има неколку брзи пруги, како Париз-Стразбур и Мадрид-Барселона, но тоа се национални линии.
„Предложената железничка мрежа би била со просечна брзина од 250-300 километри на час, што би го преполовило сегашното време за патување, па од Берлин до Париз би можело да се стигне за само четири часа“, се вели во студијата.