СТОГОДИШНИОТ КАПЕТАН ТОМ МУР СТАНА ВИТЕЗ ОТКАКО СОБРА 32 МИЛИОНИ ФУНТИ ЗА ЗДРАВСТВЕНИТЕ РАБОТНИЦИ

Лондон, (АП)

Стогодишниот капетан Том Мур доби витешка титула од кралицата Елизабета Втора, три месеци откако успеа да собере 32 милиони фунти за британските здравствени работници.

Ветеранот на Втората светска војна вонредно ја прими титулата сер на уникатна церемонија во замокот Виндзор и од него не се бараше да клекне пред кралицата кога таа традиционално положи меч на неговите рамења.

„Ова е најспецијалниот ден во мојот живот. Не можам да опишам колку сум воодушевен. Навистина величествен ден“, изјави Мур.

Тој ги освои симпатиите на светската јавност кога непосредно пред 100. роденден сврте 100 кругови во својата градина со цел да собере 1.000 фунти за здравствените работници среде најголемата криза со коронавирусот. Место илјада, Мур за неколку дена собра донации вредни десетици милиони фунти.