40 ГОДИНИ НА КУЛТНИОТ ФИЛМ „БРАЌАТА БЛУЗ“ – КОКАИНОТ БИЛ КАКО КАФЕ НА СНИМАЊЕТО

Лос Анџелес, (Гардијан)

Акционата музичка комедија „Браќата Блуз“ го должи својот легендарен статус на повеќе нешта: на снимањето во Чикаго беа уништени повеќе од 100 автомобили, главно полициски, во неа се појавуваат славни музичари како Џејмс Браун, Арета Френклин, Реј Чарлс и Џон Ли Хукер, но она за што особено се раскажува и четири децении подоцна е неконтролираната употреба на дрога од страна на екипата на филмот.

Режисерот Џон Лендис и еден од главните актери Ден Ејкројд се присетија на овие озлогласени моменти во интервјуто за „Гардијан“, одбележувајќи ја 40-годишнината на излегувањето на култниот филм.

„Во тоа време, кокаинот беше валута. За дел од екипата, тој беше како кафе. Го полудувавме Џон Лендис. Понекогаш тој не беше сигурен дали воопшто ќе се појавиме на работа по забавите“, изјави Ејкројд и призна дека и тој не бил имун на кокаинот.

„Сите го консумираа, па и јас. Не претерував, ниту некогаш сакав да го купам или да го имам. Но, Џон Белуши го обожаваше. Кокаинот ноќе го одржуваше во живот и му даваше чувство на супермоќ“.

Триесет милиони долари вредната продукција доцнеше токму поради целоноќните кокаински забави на Белуши, па продуцентите во еден момент ангажирале телохранител кој требало да го чува од дрогите.

„Уште пред да почнеме со снимањето на ‘Браќата Блуз‘, Белуши стана зависен од кокаин. Кокаинот те тера да пиеш, а пиењето бара уште повеќе кокаин. И луѓе што не го познаваа му даваа кокаин“, вели Лендис.

Сепак, Ејкројд вели дека зависностите на Белуши не се одразувале на снимањето, зашто тој како голем професионалец не го дозволувал тоа. Белуши почина во 1982 година од предозирање со кокаин и хероин. Имаше само 33 години.