„Ејч-Би-О“ ќе снима минисерија инспирирана од „Птици“, култниот хорор на Алфред Хичкок, во која главната улога ќе ја игра Сара Снук (фото), објави „Вараети“. Серијата ќе биде заснована врз филмот на Хичкок од 1963 и истоимениот роман на Дафне ди Морие.
„Бегајќи од жестока битка за старателство, Мајра Меси (Снук) се враќа дома со својата мала ќерка, тајно истражувајќи го сомнителното исчезнување на пријател од детството. Додека убиецот е на слобода, а личните закани стануваат сè посериозни, Мајра се бори да ја заштити својата ќерка од нова застрашувачка опасност: жестоки и смртоносни напади од птици, кои на необјаснив начин се поврзани со злосторството“, стои во официјалната најава за проектот.
Снук ја играше една од главните улоги во популарната серија „Следоред“ (Succession), за која доби Еми и Златен глобус.
(Фото: АП)