Ден Ејкројд потврди дека ќе се појави во новата верзија на „Истерувачи на духови“, што ќе излезе во јули 2020 година. Сега веќе 67-годишен, тој ќе ја повтори улогата на д-р Реј Стенц од првите два дела од 1984 и 1989, во кои беше дел од оригиналната екипа истерувачи со Бил Мареј, Ерни Хадсон и покојниот Харолд Рамис.

„Веќе не снимам толку филмови, но сега се прави овој нов филм ‘Истерувачи на духови‘ и јас мора да бидам во него. Синот на Иван Рајтман го прави третиот дел и во него ќе има доста од оригиналната екипа и млади ѕвезди“, изјави Ејкројд, додавајќи дека се надева дека и Бил Мареј ќе се приклучи.

Иван Рајтман ги режираше првите два филма, а „Истерувачи на духови 2020“, кој важи за директно продолжение, е дело на неговиот син Џејсон.