НАУЧНИЦИТЕ РАЗВИВААТ МЕТОД НА 3-Д ПЕЧАТЕЊЕ ЗГРАДИ КОЈ МЕСТО БЕТОН КОРИСТИ ПОЧВА

Остин, (Гардијан)

Научниците развиваат метод на 3-Д печатење на „позелени“ згради со користење на локална почва, што сметаат дека има потенцијал да предизвика револуција во градежната индустрија. Технологијата е замислена како одржлива алтернатива на бетонот, кој е одговорен за 7% од вкупните глобални емисии на јаглерод диоксид, според Меѓународната енергетска агенција.

„3-Д печатењето овозможува да се печатат цели архитектонски фасади, иако добивањето структури кои ги исполнуваат постојните градежни регулативи останува значителен предизвик“, вели Сарбаџит Банерџи, професор по хемија и инженерство на Универзитетот Тексас.

Бетонот останува примарен материјал во градежништвото, но тој не може да се рециклира и бара многу енергија за мешање и транспорт. Истражувачкиот тим предводен од Банерџи сака да печати структури кои ќе се прават од почвата што може да се најде во секоја градина.

„Нашата цел е да го замениме бетонот со природни материјали, што ќе овозможи градењето да се адаптира на потребите на локални клими. Сепак, ова ќе зависи од подобрувањето на способноста на почвата да издржува тежина, во што се прави извонреден напредок“, вели Банерџи.