ПРЕТСТАВЕНА ПРВАТА 3-Д ОТПЕЧАТЕНА КУЌА ВО СРБИЈА

Белград, (Н1)

Првата 3-Д отпечатена куќа во Србија и источна Европа, направена за помалку од еден ден, беше претставена во Научно-технолошкиот парк во Чачак. Куќата е дело на компанијата „Натура еко“ и спремна е за живеење.

„Направена е од бетон и дава максимална сигурност. Тестирањата направени во соработка со Градежниот факултет во Белград покажаа дека е отпорна на ветрови, земјотреси и други непогоди“, кажаа од компанијата.

Во изградбата на куќата „ПротоДом“ била користена иновативна технологија на 3-Д печатари, направени во Србија.

„Предноста на оваа технологија е брзината на градењето, зашто сите работи се одвиваат паралелно. Количеството отпад е рамно на нула бидејќи однапред се знае точното количество материјал“, изјави генералниот директор на „Натура еко“, Никола Ракиќ.

Тој додаде дека куќата ја направиле двајца луѓе и една машина за само 21 час и 15 минути.