Два кита белуга од шангајски аквариум првпат запливаа во отворени води како дел од нивната аклиматизација во морско засолниште на Исланд.
Двете 13-годишни женки беа превезени од Шангај во исландскиот залив Клетсвик во специјални контејнери во јуни 2019 и повеќе од една година подоцна, во август, беа префрлени во морски базени, што бил нивни прв допир со морето откако биле земени од руски истражувачки центар во 2011.
„На 28 септември, китовите првпат беа целосно ослободени за да го истражат природното окружување во поширокото морско живеалиште во заливот Клетсвик“, кажаа конзерваторите од хуманитарната организација „Си лајф траст“.
Ова засолниште од 32.000 квадратни метри ќе стане постојан дом на китовите. Бидејќи за нив долги години се грижеле луѓето, се верува дека тие не би преживеале во дивина.
„Тие поминаа десет години во аквариум и не знаат да ловат. Постепено ги запознаваме со заливот, но беше неверојатно да се види како повторно заедно пливаат во морето и се нурнуваат меѓу флората и фауната“, изјави Енди Бул, шефот на „Си лајф траст“.