Најстариот црн носорог на светот угина на 46 години во Зоолошката градина во Берлин, од каде што се простуваат од „старата дама“, за која велат дека имала долг и исполнет живот.
Килагуни, чиј заштитен знак беше исклучително изразен рог, пристигна во Берлин на 19 октомври 1975 и зад себе остава две ќерки од 18 и 25 години, како и два внука, Маиша и Карл, кои имаат две години.
Староста веќе неколку години ѝ причинуваше големи проблеми на Килагуни и откако таа веќе некое време не можеше сама да стане, зоолошката градина по консултации со експерти донесе одлука да ја успие.
„Одговорно грижење за животни исто така значи тие да се поштедат од непотребно страдање, колку и да е тешка таа одлука. Со своите 46 години, таа веќе достигна завидна старост. Таа беше најстариот црн носорог на светот“, изјави директорот на зоолошката, Андреас Книрим.
Во дивина, црните носорози ретко живеат повеќе од 30 години. Нивниот број денес е значително намален поради незаконски лов.