ЖЕНИТЕ СЕ ПОСПОСОБНИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ ОД МАЖИТЕ, ВЕЛИ ЈАСМИНА ГУЛЕВСКА ОД МОГИЛА

Могила, (СМАРТ.СДК.МК)

За новата градоначалничка на пелагониската општина Могила Јасмина Гулевска, при примопредвањето на функцијата пред општинската зграда имаше послан црвен тепих, а со неа пред влезот се поздрави и ексградоначалникот Стево Пивковски. Свечената атмосфера заедно со тепихот ја приредил нејзиниот тим на поддржувачи, зашто за првпат во општината добиле градоначалничка кадар на СДСМ на чело на Могила по 21 година. Гулевска е една од 6-те жени кои ја освоија градоначалничката функција на последните локални избори.

„Јас всушност него го пречекав, а не тој мене. Пречек организираше тимот кој цело време беше со мене во кампањата. Тие донесоа нешто храна за примопредавањето и пијалак, па и црвениот тепих. Тој од некаде беше позајмен. Од Општината никој не се потруди да слезе долу да ме пречека. Стево ми немаше ни честитано, но го известив за да поразговараме околу некои работи зашто никој не учел да биде градоначалник “, вели Гулевска.

Јас всушност го пречекав ексградоначалникот Стево Пивковски со црвен килим, а не тој мене, вели Гулевска; – на примопредавањето на функцијата (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

За Могила вели дека иако е рурална средина, жителите немаат предрасуди да ги води жена. Додава дека токму во овој крај каде домаќинствата се занимаваат со земјоделство и сточарство има поголема еднаквост меѓу мажот и жената отколку на други места.

„Најмногу во земјоделството е унапредена еднаквоста меѓу двата пола. Жената и ора и сади и готви и меси и се грижи за домаќинството и за децата и пак оди на нива. Мажот мислам дека дури и многу помалку прави“, додава таа.

Како активистка на СДСМ во изминатиот период се соочувала со притисоци, но вели дека не биле нешто страшно. Верува во себе дека знае да се справи со проблемски ситуации.

„Жените повеќе се справуваме со тие работи од мажите. Жените можат да бидат дури и поспособни градоначалници од мажите, не сакам да ги навредам припадниците на другиот пол, но сметам дека имаме капацитет и ние успешно да ги водиме општините. Тоа и ќе го докажеме“, додава Гулевска.

Таа е една од помладите градоначалници во Македонија. Има 30 години, а на дваесетина се зачленила во СДСМ. На прашањето зошто, вели  дека ја иритирале тогашните состојби на политички план во општината.

Гулевска вели дека како тинејџерка не ни сонувала да стане политичарка или градоначалничка, туку да патува во вселената, да биде ликовен уметник, моден дизајнер (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

„Не може еден човек да биде кандидат или градоначалник во четири мандати. Понатаму ме иритираа партиските вработувања. Сметав дека нема да ја задржат младината овде и не ја задржаа. Централната моќ не може само еден човек да ја има, тој и неговата фамилија. Треба и другите луѓе да работат и живеат, но во зависност од нивните способности, а не во зависност од тоа на која партија припаѓаат“, вели Гулевска.

Во следниот четиригодишен мандат има визија Општината да биде отворена и услужна за сите жители, зашто, како што вели, сите тие плаќаат данок во Општината и таа треба да им возвраќа без разлика дали се независни или се членови на партија. Најави дека ќе се сосредоточи на капитални проекти, како што се индустриската зона „Петилеп“, водовод за селата Српци, Беранци, Ивањевци, Трновци, изградба на монтажно училиште во село Ношпал.

Вели дека како тинејџерка не ни сонувала да стане политичарка или градоначалничка. Сонувала да патува во вселената, да биде ликовен уметник, моден дизајнер, дури и облеката си ја дизајнирала сама. Сепак, станала преведувач од англиски јазик. Потекнува од работливо семејство кое се занимава со сточарство.

„Јас моето семејство го нарекувам мала комуна зашто живеам со родителите, сестра ми, брат ми со неговото семејство и со дедо ми. Заедно живееме четири генерации. Имаме фарма со 40 крави. Татко ми е вработен во ЗК ‘Пелагонија’, претходно беше директор на сточарска фарма. Брат ми и снаата се ветеринари. Мене искрено никогаш не ме привлекуваше фармерството. Јас сум алергична на лактоза. Млеко и млечни производи не јадам. Но, со животните немам никаков проблем. Имаме и гулаби и живина, се останато што содржи едно селско домаќинство“, вели Гулевска за животот во Могила.

Ж. ЗДРАВКОВСКА