ДИДИ НА ВРВОТ НА ЛИСТАТА НА НАЈПЛАТЕНИТЕ МУЗИЧАРИ ЗА 2017 СО ПРИХОД ОД 130 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Њујорк, (Билборд)

„Форбс“ ја објави годишната листа на најплатените музичари на светот и на првото место повторно се најде Шон Комбс, попознат како Диди.

Земајќи ги предвид приходите за периодот од 1 јуни 2016 до 1 јуни 2017 година, хип хоп ѕвездата има заработено 130 милиони долари. Ова се должи на успешната турнеја со најголемите ѕвезди на неговата издавачка куќа „Бед бојс рекордс“, но и на одличното работење на неговата модна компанија „Шон Џон“.

На второто место е Бијонсе со заработените 105 милиони долари и со тоа се затвора кругот на музичари кои ја имаат надминато сумата од сто милиони. Поп кралицата уште лани одработи успешна турнеја, која донесе заработка од 250 милиони долари, но тоа влезе во пресметките за оваа година.

Најблиску до нив е Дрејк со заработени 94 милиони долари, што се должи на турнејата „Момче го запознава светот“.

Топ-10 најплатените музичари за 2017

  • Диди: 130 милиони долари
  • Бијонсе: 105
  • Дрејк: 94
  • Викенд: 92
  • Колдплеј: 88
  • Ганс енд роузис: 84
  • Џастин Бибер: 83,5
  • Брус Спрингстин: 75
  • Адел: 69
  • Металика: 66,5