ГРУПА ПЛАНИНАРИ ТРГНА ВО ИСТОРИСКО ЗИМСКО ИСКАЧУВАЊЕ НА ВРВОТ К2, КОЈ ЗА ДВЕ ГОДИНИ ЗЕДЕ 86 ЖИВОТИ

Катманду, (Би-Би-Си)

Двајца европски планинари оваа недела тргнаа на студено еднонеделно патување до базниот камп на втората највисока планина во светот, К2, во обид да постигнат нешто што ниеден човек не успеал досега.

Романецот Алекс Гаван (38) и Италијанката Тамара Лунгер (34) имаат за цел да го присвојат еден од последните големи предизвици во планинарењето: зимско искачување на К2. Но, тие нема да бидат сами. Најмалку уште 24 алпинисти, повеќето Европејци, ќе се обидат да го сторат истото, и покрај сознанијата дека К2 е еден од најсмртоносните врвови на светот.

„Тоа е извонредно груб предел. Поради силните ветришта, планината скоро и ќе нема снег. Тоа ќе биде терен од карпи и мраз“, изјави Гаван.

Условите на К2 се страшни и не простуваат. Тој е дел од венецот Каракорам на границата меѓу Пакистан и Кина и уште е познат како Дивата планина. Ова име во 1953 ѝ го дал американскиот алпинист Џорџ Бел, изјавувајќи дека „тоа е една дива планина што се обидува да те убие”.

Ако сè оди според планот, Алекс Гаван и Тамара Лунгер ќе го достигнат врвот до средина на февруари

К2 е висок 8.611 метри, околу 200 метри помалку од Монт Еверест. Таа е единствената од 14-те планини повисоки од 8.000 метри која сѐ уште никој не ја искачил во зима.

„Понекогаш брзината на зимските ветрови може да достигне и до 200 километри на час”, вели Лунгер, која го освоила врвот К2 во лето 2014.

Но, искачувањето во зима, кога температурите може да паднат и до -50 степени, ќе претставува далеку потешка задача. Ако сè оди според планот, Гаван и Лунгер ќе го достигнат врвот до средина на февруари.

Од јули 2018 забележани се 367 успешни искачувања на K2 и 86 смртни случаи, што е речиси една смрт на секои четири искачувања.