„Сценска тишина“ е насловена изложбата на Македонскиот народен театар (МНТ), која поради состојбата со ковид-19 е поставена онлајн, со фотографии и видео одДраган Гајиќ на Јутјуб-каналот на МНТ.
„МНТ годинава ја слави својата 75-годишнина, период доволно долг за испишување на историја и достојно одбележување, светот, а со тоа и културата, се соочија со голема пандемија. Театарот остана без верната публика, актерот не е на сцената, текстот е неизговорен. Остана тишината“, велат од Театарот.
Затоа, оваа изложба претставува желба и мотив театарот да се врати на сцената каде што ѝ припаѓа, односно, како што велат, обид да се реконструираат претставите кои се на тековниот репертоар на МНТ преку костими, сценографија и/или реквизити.
„Театарската претстава како нужно врзана за времето и просторот во кој се одржува, постои единствено во времето во кое се одигрува. Поради тоа денес сцената е празна, но останува театарската светлина, мигот/сеќавањето за погледната претстава и поттикот да се посети непогледнатата претстава. Низ фотографиите и видеото се раскажува за моќта на актерот, концептот на режисерот, приказната на авторите и креативноста на авторите на сценографијата и на костимографијата“, додаваат од МНТ.
Низ изложбата, работена по идеја и во реализација на Ивана Јарчевска и Мила Анѓелковиќ, прикажани се костими во кои играат актерите на МНТ, сценографиите на: Никола Тороманов, Илина Ангеловска, Свен Јонке, Костантин Трпеноски, Вишња Вујовиќ, Лоренцо Банчи, Владимир Жерновски и Валентин Светозарев; и костимографиите на: Марија Пупучевска, Илина Ангеловска, Снежана Пешиќ-Раиќ, Свила Величкова, Роза Трајческа-Ристовска, Ивана Каранфиловска-Угуровска, Александар Ношпал, Мануела Паладин, Лидија Георгиева, Кокев и Кадриу, Елена Пандева, Антонија Гугинска-Јорданоска и Елена Вангеловска.