И СОПРУГОТ НА КАМАЛА ХАРИС ИСПИША ИСТОРИЈА КАКО ПРВИОТ ВТОР ГОСПОДИН НА САД

Вашингтон, (Си-Ен-Ен)

По 48 мажи на функцијата, САД денеска за првпат добија потпретседателка.

Камала Харис испиша историја откако положи заклетва во пресрет на инаугурацијата на Џо Бајден, што доведе до уште една досега невидена ситуација во Белата куќа: нејзиниот сопруг Даг Емхоф е првиот кој ќе биде ословуван како втор господин на САД.

„Со ова доаѓа и голема одговорност. Знам дека не би биле овдека без поддршката од многумина: семејството, пријателите и многу други. Ви благодарам што сте покрај нас како што почнуваме едно ново поглавје“, напиша Емхоф на Твитер, откако го презеде профилот @SecondGentleman.

Педесет и шестгодишниот Емхоф е успешен адвокат кој се ожени со Харис во 2014 додека таа беше јавен обвинител на Калифорнија. Тој има две возрасни деца од првиот брак. Емхоф ѝ беше голема поддршка на Харис во кампањата, иако избегнуваше да биде во фокусот на јавноста.

„Јас можеби сум првиот втор господин на САД, но нема да бидам и последен“, кажа Емхоф, парафразирајќи ја својата сопруга.

Засега е непознато какви ќе бидат неговите обврски како втор господин на САД.