МАРК ВОЛБЕРГ Е НАЈПРЕПЛАТЕНИОТ АКТЕР ВО 2017

Лос Анџелес, (Дејли мејл)

„Форбс“ ја објави листата на најпреплатените актери за 2017 година и на првите пет места се наоѓаат мажи.

Првото место на неславната листа го зазема Марк Волберг, кој оваа година заработил 68 милиони долари, но неговите филмови, главно, доживеале фијаско на кино-благајните. Според „Форбс“, филмовите на Волберг донесле приход од само 4,40 долари на секој долар што тој го заработил.

Меѓу неговите промашувања особено се истакнува „Денот на патриоти“, филм за бомбашкиот напад на Бостонскиот маратон, кој имал буџет од 45 милиони долари, а заработил само 50.

Поранешниот Бетмен, Кристијан Бејл, е на второто место, откако вратил 6,70 на секој вложен долар во него. Неговиот лош пласман најмногу се должи на филмот „Ветување“, кој на кино-благајните заработил само 11% од вложениот буџет од 90 милиони долари.

На листата потоа следуваат Ченинг Тејтум, Дензел Вашингтон и Бред Пит.

„Форбс“ не ги исклучил жените од оваа листа, но тие заработуваат значително помалку од своите машки колеги. Така Волберг годинава заработил речиси трипати повеќе од најплатената актерка во Холивуд, Ема Стоун (26 милиони долари), која ја следат Џенифер Анистон и Џенифер Лоренс.