ТОМ БРЕЈДИ ГО ПОТВРДИ СТАТУСОТ НА НАЈГОЛЕМ НА СИТЕ ВРЕМИЊА СО СЕДМИОТ ОСВОЕН СУПЕРБОУЛ, ПОВЕЌЕ ОД КОЈ БИЛО НФЛ ТИМ

Тампа, (Би-Би-Си)

Легендарниот Том Брејди го предводеше Тампа Беј Бјуканирс до сигурна победа од 31:9 над актуелниот првак Канзас Сити Чифс, за да го зголеми својот рекорд на седум освоени Супербоули.

Неуништливиот Брејди сега има повеќе победи на Супербоул од кој било НФЛ тим, една повеќе од Њу Ингленд Пејтриотс и Питсбург Стилерс. Исто така, со 43 години и 188 денови, тој стана најстариот играч кој настапил на најголемиот натпревар во американскиот спорт.

Брејди со децата Џон, Бенџамин и Вивијан (Фото: АП)

„Многу сум горд на овие момци. Нема да правам споредби, но да се дојде овдека и да се игра со оваа група момци е неверојатно“, изјави Брејди, за кого ова беше вкупно 10. Супербоул во кариерата.

Тој ја играше својата прва сезона во дресот на Бјуканирс, откако претходно помина 20 години во Пејтриотс. Додека беше во потрага по нов предизвик, Тампа Беј успеа да го привлече во своите редови, иако претходно имаше само едно учество на Супербоул, уште во 2002 година. Сезоната ја заврши со петтото МВП признание.

И покрај пандемијата, која жестоко ги удри САД, на стадионот на Тампа Беј имаше 25.000 навивачи. Меѓу нив беа и сопругата на Брејди, Жизел Бундшен и нивните деца Џон, Бенџамин и Вивијан, во чија прегратка ја прослави новата титула. Тој и прославената бразилска манекенка се заедно од 2006, а се венчаа три години подоцна. Ова е нивна трета заедничка прослава на Супербоул.