Еден од најоддалечените, најстудени и најсурови делови на планетата ќе се обиде да стане нова туристичка дестинација.

Светски познатото архитектонско студио „Снехета“ го дизајнираше центарот за посетители во рамките на трезорот во кој се чуваат семиња од цел свет. Тој се наоѓа на норвешкиот остров Спитсберген, северно од Арктички Круг.

Посетителите ќе можат да видат какви сѐ семиња се складирани во трезорот Свалбард, што беше изграден во 2008 година длабоко во арктичкиот мраз. Семињата од најразлични видови растенија треба да му послужат на човештвото во случај на катастрофа.

Фото: Снехета

Во спектакуларната зграда ќе бидат сместени и делови од Арктичкиот светски архив, дигитален архив на човечкото наследство, дизајниран да издржи глобални катастрофи. Се смета дека тоа е една од најбезбедните локации на Земјата. Изградбата на центарот треба да заврши во 2022 година.

Фото: Снехета