ЈИРГЕН КЛОП ПОРАДИ КОВИД РЕСТРИКЦИИ НЕ МОЖЕШЕ ДА ОТПАТУВА НА ПОГРЕБОТ НА МАЈКА МУ

Ливерпул, (Гардијан)

Мајката на Јирген Клоп, Елизабет, почина на 81 година, но тој не можеше да ѝ отиде на погреб во Германија.

„Таа ми значеше сѐ. Таа беше вистинска мајка во најдобрата смисла на зборот. Беше посветена христијанка, па знам дека сега е на подобро место“, изјави тренерот на Ливерпул.

Поради ограничувањата во патувањата воведени поради коронавирусот, Клоп не беше во можност од Англија да замине во Германија за да се прости од мајка му.

„Не можев да отидам на погреб поради овие ужасни времиња низ кои минува човештвото. Штом дозволат околностите, ќе одржиме комеморација каква што заслужува“, кажа Клоп.

Елизабет се венчала со Норберт Клоп во 1960 година и Јирген е најмладото од нивните три деца. Таткото на Клоп почина во 2000 по кратко боледување. Клоп своевремено призна дека му е многу жал што татко му не доживеал да ги види неговите тренерски успеси.