Специјалното јавно обвинителство на денешната прес-конференција соопшти дека отворило седум нови истраги, кои се однесуваат на злоупотреба на службена должност и на измама. Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева кажа дека за овие случаи се сомничат вкупно 17 лица, меѓу кои се и поранешни министри, градоначалник и пратеничка.
- Случај „Странски служби“: помошник-министер во МВР и началник на Одделот за оперативна техника се сомничат дека преку нелегален тендер обезбедиле опрема за прислушување. Прислушувањето на граѓани и на власта подоцна требало да се претстави како дело на странски служби, а не на Петтата управа во МВР и УБК.
- „Друмарина“: поранешна пратеничка незаконски наплатила 100.000 за патни трошоци за период од 2011 до 2016 година.
- „Рентген“: бившиот министер за здравство Никола Тодоров се сомничи дека ја злоупотребил службената положба кога на една фирма ѝ овозможил да победи на тендерот за набавка на четири апарати за рентген.
- „Продуцент“: поранешен министер за земјоделие, исто така, ја злоупотребил службената положба, кога без тендер склучил договор со една скопска фирма за емитување на емисијата „Боја на парите“ на телевизијата „Сител“.
- „Тарифа 2“: проневера на 4,5 милиони евра од АД ЕЛЕМ.
- „Транспортер 2“: нови злоупотреби со училишниот превоз од страна на бившиот градоначалник на Битола, Владимир Талевски, заедно со пет превозници и тројца директори на основни училишта.
- „Лидери“: истрага за „бомбата“ во којашто Никола Груевски и Али Ахмети се договараат за селективно уривање на дивоградби.