„Како веган, дефинитивно ми недостига да јадам мед“, вели Дарко Мандич, коосновач и извршен директор на американската компанија „МелиБио“.
Не е невообичаено за вегани да им недостига одредена храна, но Мандич пронајде решение: создаде тип на мед, идентичен на природниот во секоја молекула, но произведен без пчели.
„Производството на мед почнува со собирање полен и нектар од цвеќињата, што се претвора во блокови од мед, кој е фруктоза и глукоза. Ние го симулираме тоа во лабораторија, користејќи микроорганизми кои ја играат улогата на создавачи на блокови од мед“, појасни Мандич.
Во изминатите години, растителните алтернативи за месни и млечни производи станаа широко распространети, но многумина имаат проблем со вкусот, текстурата или со самата желба да ги пробаат. Стартап компании како „МелиБио“ користат ферментација за да добијат вегански производи кои се биолошки идентични со вистинските.
Преку процесот на ферментација, микроорганизмите ја варат храната и лачат квасец, од кој не мора да се произведува само алкохол, туку и сѐ друго, од мед до белки од јајца и млеко. Од вака создадени продукти придобивки има и животната средина. Според Обединети нации, месната и млечната индустрија се одговорни за 14,5% од светските емисии на стакленички гасови.
„Во исто време, побарувачката по мед наштетува на многу видови пчели. Комерцијалното пчеларство фаворизира еден вид пчели за да се задоволат светските потреби за мед. Тие активно се натпреваруваат со дивите и локалните видови пчели и ги поттиснуваат“, вели Мандич.
Тој ги најавува првите испораки од медот на „МелиБио“ на крајот на годината, кој во прв момент би се користел како состојка во други индустрии.