Мик Шумахер ја почнува својата Формула 1 кариера овој викенд во Бахреин како ниеден дебитант досега.
Како син на еден од најуспешните Ф-1 возачи на сите времиња, патот на 22-годишниот Германец се чини одамна беше предодреден. Запрашан како се носи со товарот на наследството на неговиот татко Михаел, тој одговори:
„Тоа е мотивација и гордост. Среќен сум што сум тука. Среќен сум што го враќам името Шумахер назад во Формула 1. Но, во досегашните шампиони сум докажал дека можам да возам тркачки болид, така што не чувствувам ни најмал притисок“, изјави Мик Шумахер.
Тој е на иста возраст на која неговиот татко дебитираше во спортот на трката за Големата награда на Белгија во 1991 година со тимот на Џордан. Исто така, Мик ќе дебитира на патеката на која што Михаел направи камбек во 2010, по четиригодишната пауза.
Шумахер пред две години стана дел од Возачката академија на Ферари, а во Формула 1 ќе стартува како член на американскиот тим Хас.
„Татко ми ми е идол и од рана возраст решив дека ќе одам по негови стапки“, вели Мик.
Тој почна во картинг на деветгодишна возраст, за потоа брзо да напредува на мотоспорт скалата, надгледуван од бившата менаџерка на Михаел, Сабине Кем. На патот до Ф-1, тој ги освои титулите во Ф-3 и Ф-2.
Михаел Шумахер беше инстант сензација кога се појави на Ф-1 сцената пред три децении, но од Мик тоа не може да се очекува, имајќи предвид дека Хас лани беше еден од најслабите и најбавни тимови. На патеките ќе бидат и Фернандо Алонсо и Кими Раиконен, против кои се тркаше и неговиот татко, чиј состојба е непозната од скијачката несреќа во декември 2013.