МАДЕИРА ПРОГЛАСЕН ЗА НАЈБЕЗБЕДЕН ОСТРОВ ЗА ОДМОР ВО 2021, НА ЛИСТАТА ДОМИНИРААТ ПОРТУГАЛСКИ И ГРЧКИ ОСТРОВИ

Њујорк, (Форбс)

Грчки и португалски острови доминираат на листата на најдобри европски дестинации за одмор ова лето, комбинирајќи безбедност и забава.

Европа се подготвува за летната туристичка сезона, како што се засилува имунизацијата против ковид-19, а Европската Унија го одобри дигиталниот сертификат за вакцинираност, кој треба да ги олесни патувањата.

Изборот на островите на листата е направен врз основа на неколку критериуми, како малиот број на случаи на коронавирус, постоечките мерки и признавањето на сертификатот за вакцинираност.

Португалскиот остров Мадеира е на врвот на листата, каде што сите вработени во туристичкиот сектор беа вакцинирани уште пред крајот на мај. Прогласен за најбезбеден остров во Европа, Мадеира остана во зелената зона за цело време на пандемијата, со крајно висока стапка на вакцинираност и со развојот на иновативни здравствени протоколи.

На второто место се најде уште еден португалски остров, Порто Санто, кој е дел од архипелагот Мадеира.

Грција има илјадници острови, но за најбезбеден од нив е прогласен Антипаксос, оддалечен само неколку минути со брод од Крф. Тој е познат по своите плажи и егзотични тиркизни води и има само 20 постојани жители.

На четвртото место е Корво, дел од Азорските Острови во Португалија, каде што сите 430 жители веќе биле вакцинирани.

Листата ја дополнуваат Крит (Грција), Флорес (Португалија), Малта, Крф (Грција), Ла Гомера (Шпанија), Корчула (Хрватска), Менорка (Шпанија) и Кипар.