Анде Јанков го промовираше неговиот трет роман „Сигурен ризик“, во издание на издавачката куќа „Антолог“. Неговите две претходни книги, „Едно лето на Крит“ од 2016 и „Виенски гамбит“ од 2020, предизвикаа голем интерес и читаност. Во своите дела, Јанков одлично се впушта во жанрот трилер и со големо мајсторство ги внесува читателите во мистериите на сторените убиства.

„Ова дело е продолжение на втората книга ‘Виенски гамбит’, кој е замислен како прво дело од еден подолг крими-серијал. Во време кога бевме затворени во карантин, имаше време да се пишува и да се твори“, рече младиот велешанец, кој е дипломиран економист.

Тој смета дека овој жанр е малку присутен кај македонските автори, иако има своја публика која го чита.

„’Сигурен ризик’ е возбудлива, интригантна книга, која нема да го остави читателот рамнодушен. Дејството се случува на улиците на Скопје, каде што инспекторот Виктор Николов истражува убиство на 29-годишна новинарка“, кажа промоторот Денис Бојаровски.

Промоцијата беше во организација на велешката библиотека „Гоце Делчев“, како дел од одбележувањето на Денот на Свети Кирил и Методиј.

П. ПЕЧКОВ