Идните филмови за Џејмс Бонд ќе продолжат да се прикажуваат во кино, и покрај тоа што „Амазон“ го купи филмското студио „МГМ“, кое ги поседува правата за оваа франшиза. Компанијата на Џеф Безос објави дека го купила „МГМ“ во зделка вредна 8,45 милијарди долари.
Продуцентите на Џејмс Бонд, Барбара Броколи и Мајкл Вилсон, нагласија дека ова не значи дека филмовите во иднина ќе имаат премиера исклучиво на стриминг.
„Посветени сме да продолжиме да правиме филмови за Џејмс Бонд за кинопубликата низ цел свет“, кажаа тие.
Правата за Џејмс Бонд ги држат „МГМ“ и „Ион продакшнс“, компанија што ја водат Вилсон и Броколи, кои и натаму ќе ја имаат креативната контрола врз ликот. Тие и во иднина ќе решаваат кој ќе го игра ликот и каква ќе биде насока на филмовите. „Амазон“ нема да има право да прави спиноф серии и филмови за Џејмс Бонд, како што „Дизни+“ направи со „Војна на ѕвездите“.
Покрај Џејмс Бонд, „Амазон“ со купувањето на „МГМ“ добива каталог со над 4.000 филмови и 17.000 серии.