Насилството помеѓу децата и младите, со акцент на булингот и сајбербулингот, е тема на тридневната филмска работилница за ученици во основните училишта „Снимај паметно, остави трага“, која ја организираат Меѓународниот филмски фестивал Киненова и Општина Кисела Вода во Скопје. Работилницата се одржува во Домот на културата „Билјана Беличанец“, под менторство на режисерката Марија Џиџева.
Проектот има за цел да ги трансформира паметните телефони на т. н. алфа-генерација, деца родени и израснати со технологија, од потенцијален извор на дигитално насилство во моќна уметничка алатка за социјални промени. Учениците од 8. и 9. одделение ги поминаа сите фази на филмското изразување: од генерирање идеја и пишување сценарио, преку снимање со мобилни телефони, па сè до финалната монтажа.
Тие учат како да ги преточат своите лични соочувања со врсничкото насилство во филмски сценарија.
„Работилницата е наменета токму за децата кои секојдневно се изложени на технологијата, што придонесува за алармантно зголемување на врсничкото насилство. Целта на овие кратки форми е тимски да создадеме филмови каде што ќе го чуеме гласот на младите, ќе откриеме што ги мачи и ќе им помогнеме на возрасните подобро да разберат како децата денес ги доживуваат булингот и сајбернасилството“, вели Џиџева.
Кратките филмови што учениците ги создадоа во рамките на тридневната работилница премиерно ќе се прикажат на претстојното издание на Киненова, кој се отвора на 14 октомври во киното Фросина.