ПОЧИНА МАРЦЕЛ ЈАНКОВИЧ, ЕДЕН ОД АВТОРИТЕ НА ЦРТАНИОТ ФИЛМ „ГУСТАВ“

Будимпешта, (Индекс)

Прославениот унгарски аниматор, режисер и сценарист Марцел Јанкович, еден од авторите на култната анимирана серија „Густав“, почина на 79 години. Унгарската академија на уметности го опиша Јанкович како припадник на златната генерација на унгарската анимација.

Јанкович беше номиниран за оскар за најдобар краток анимиран филм во 1976 година, но на овие простори остана најпознат по цртаните филмови „Густав“, кои редовно се емитуваа на телевизија во Југославија и ги следеа секојдневните доживувања на обичниот човек Густав. Вкупно 120-те епизоди на „Густав“ се снимени од 1964 до 1968 и потоа од 1975 до 1977 година.

Иако долго време беше аниматор, сценарист и режисер на серијата, заедно со Атила Даргај и Јозеф Неп, Јанкович подоцна призна дека не уживал да ја прави, зашто ги исмеваше животите на обичните луѓе, кои и онака живееле под голем стрес во тогашното комунистичко општество.

За Унгарците низ цел свет, тој е поценет по серијалот „Унгарски народни приказни“, што го правеше од 1980 до 2002 година.