УЧИТЕЛКА ОД ХОНГКОНГ СТАНА ЖЕНА КОЈА НАЈБРЗО ГО ИСКАЧИЛА МОНТ ЕВЕРЕСТ

Катманду, (Би-Би-Си)

Бивша учителка од Хонгконг постави нов рекорд за најбрзо искачување на Монт Еверест од страна на жена. На 45-годишната Цанг Јин Хунг ѝ требале 25 часа и 50 минути за да стигне од базниот камп до највисокиот врв на светот.

Таа за повеќе од 12 часа го подобри досегашниот рекорд, што од 2017 година го држеше непалска планинарка.

„Се чувствувам среќно и исполнето, зашто целта не ми е да соборувам рекорди, туку да се предизвикувам себеси“, изјави Цанг.

Планинарите вообичаено поминуваат неколку дена во различни кампови пред да стигнат до врвот. Цанг вели дека за рекордот се заслужни нејзината способност, тимска работа и среќа, но тој сепак не ѝ бил приоритет. На патот кон врвот, направила само две паузи за да ја смени облеката.

Цанг првпат го искачила Еверест во 2017 година, како прва жена од Хонгконг на која ѝ успеало тоа.