Правилото „гол на гости“ од следната сезона веќе нема да важи во европскиот клупски фудбал.
УЕФА го укина правилото воведено во 1965 година кое ги фаворизираше екипите кои постигнале повеќе голови на гостински терен на еден двомеч. Место тоа, при израмнет резултат отсега ќе се играат продолженија.
„Веќе не е соодветно гол на гостински терен да има поголема тежина“, изјави претседателот на УЕФА, Александер Чеферин.
Новото правило ќе важи во Лига на шампиони, Лига Европа и во новата Европска конференциска лига.
Во 2009, Барселона влезе во финалето на Лигата на шампионите откако во реваншот на „Стемфорд бриџ“ одигра 1:1 против Челзи. Ова беше пресудно и за пласманот на Тотенхем во финалето пред две години, откако славеше со 3:2 против Ајакс во Амстердам.