БРАЗИЛ ПРОИЗВЕДУВА 800 МИЛИОНИ ЛИТРИ КАШАСА ГОДИШНО, А САМО 1% СЕ ИЗВЕЗУВА

Рио де Жанеиро, (Би-Би-Си)

Не постои пијалак кој подобро го претставува Бразил од кашаса. Таа е дел и од националниот коктел каипириња, во која уште се ставаат шеќер и лимета, плус многу, многу мраз.

Но, како и целата нација, и овој алкохолен пијалак преживува тешки времиња во пандемијата, откако продажбите се намалиле за една четвртина во 2020 година.

Кашаса се произведува од сокот од шеќерна трска, што, како што велат Бразилците, ја разликува од румот, кој вообичаено се прави од меласа, која останува откако трската ќе се преработи во шеќер. Фановите велат дека кашасата има посвеж и поовошен вкус од румот.

Таа се произведува само во Бразил и се верува дека првпат била дестилирана во 1516 година, што ја прави постар пијалак од румот и текилата. Таа исто така е третиот најпроизведуван алкохолен пијалак на светот, зад вотка и кинески баиџиу. Бразил произведува 800 милиони литри кашаса годишно, од кои само 1% се извезува.

„Речиси 70% од кашасата што се продава во странство се користи за коктели и се пие во барови, па ланскиот извоз се намалил за 24% откако пандемијата затвори ресторани и барови низ светот“, вели Карлос Лима, директорот на Бразилскиот институт за кашаса.

Тој додава дека достапноста на кашасата во Европа и САД се зголемила во изминатите години, но поради големината на домашниот пазар, врвната, созреана кашаса ретко го напушта Бразил.