Британскиот премиер Борис Џонсон првпат призна дека има шест деца и во интервју за американската ТВ-мрежа Ен-Би-Си кажа дека во животот сменил многу пелени. Тој досега ги избегнуваше прашањата за својот сложен семеен живот. Двапати се женеше и доби ќерка во вонбрачна врска.
Кога новинарот го праша дали има шест деца, Џонсон кратко одговори со „да“.
Џонсон има едногодишен син со сегашната сопруга Кери Џонсон, која повторно е трудна.
„Фантастично е да се има деца на премиерската адреса, иако тоа бара многу работа. Имам сменето многу пелени, но уживам“, кажа Џонсон.
Тој доби четири деца во бракот со Марина Вилер, како и ќерка во вонбрачна врска, која сега има 11 години. Во 2013, лондонски суд пресуди дека јавноста има право да знае дека Џонсон зачнал дете во вонбрачна врска.