ГРЧКАТА ПОШТА ПОЧНА ДА КОРИСТИ РОБОТИ

Атина, (Ројтерс)

Грчката пошта доби нови вработени: флота жолти роботи кои ги распределуваат пратките.

Педесет и пет мали автономни мобилни роботи со четири тркалца, засилени со вештачка интелигенција, се ангажирани во централата на „Хеленик пост“ во Атина, забрзувајќи го вообичаено тешкиот процес. Тие го скенираат поштенскиот код, ги мерат пакетите и, насочувани од сензори, ги ставаат во поштенски вреќи поставени околу платформата.

(Фото: Ројтерс)

Роботите се дел од државна програма за дигитално реструктурирање и треба да се справат со напливот на онлајн купувањето што произлезе од пандемијата.

„До неодамна, сортирањето се правеше рачно и одземаше многу време, при што често се случуваа грешки“, вели извршниот директор на „Хеленик пост“, Јоргос Константопулос.

Роботите можат да распределат до 168.000 пратки на ден тешки до 15 килограми и се полнат на секои четири часа.