Средновековниот центар на јужниот германски град Регензбург изгледа како музеј на отворено, а првата станица за многумина е најстариот ресторан на светот посветен на традиционалниот германски колбас, братвурст.
И додека историските центри на голем број германски градови биле уништени во бомбардирањата за време на Втората светска војна, Регензбург го има најдобро зачуваниот градски центар во земјата и во неговите улички и премини сè уште можат да се пронајдат семејни бизниси со долга традиција.
Кога предците на Андреас Мајер го купиле ресторанот „Вурсткихел“ во 1808 година, малата крива куќа во стариот град веќе била стара околу 700 години. Низ историјата, таа била кујна за пристанишните работници, а потоа и за ѕидарите на градската катедрала.
Туристите денес го следат мирисот до „најстарата кујна за братвурст на светот“, како што Мајер и законски смее да го нарекува својот бизнис.
Главната намирница не се сменила со векови: свежи, домашно направени свински колбаси, приготвени на отворена скара со јаглен, со кисела зелка и сладок сенф како додаток.