КРИТИЧАРИТЕ ГО ПОФАЛИЈА ДИНО ИМЕРИ ЗА НЕГОВАТА ВИРТУОЗНОСТ НА КОНЦЕРТ ВО ГЕРМАНИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Пијанистот Дино Имери доби стоечки овации и громогласен аплауз на концертот „Традиција и модерна“, кој се одржа во „Кармен Вурт форум“ во Кунзелсау, Германија. Тој настапи со оркестарот „Вурт филхармоникер“, со диригентот Клаудио Вандели, на концерт на кој беа изведени четири дела од македонски автори.

На програмата беа „Ситна Лиса“ во обработка на Дамир Имери, „Рана“ од Дијана Илкоска, „Тешкото“ од Глигор Смокварски и Концертот за пијано и оркестар од Дамир Имери, таткото на Дино. На концертот учествуваше и Ратко Даутовски на традиционален тапан.

„За изведбата на Дино Имери, германската критика напиша дека покажал техничко совршенство кое го одзема здивот. Во вториот дел од концертот беа изведени дела од Морис Равел, а по долгиот аплауз и стоечките овации, Имери отсвире два биса, ‘Мак олуја’ и ‘Ревиско оро’ од Милан Завков, во аранжман на Дамир Имери“, велат од тимот на пијанистот.

„Дино е исклучителен пијанист кој има способност совршено да балансира спектакуларна техничка виртуозност со длабока, зрела интерпретација. Тој е огромен уметник кој ја наежува публиката веднаш штом ги допре клавишите“, рече диригентот Клаудио Вандели.