ОКЛЕНД И КУКОВИ ОСТРОВИ ИЗБРАНИ ЗА НАЈДОБРИ ДЕСТИНАЦИИ ЗА ПАТУВАЊЕ ВО 2022

Њујорк, (Си-Ен-Ен)

Окленд и Кукови Острови ги предводат листите на најдобрите места што треба да се посетат во 2022 година, што традиционално ги составува сајтот „Лонли планет“.

„По принудната пауза, време е да ги реализираме нашите долго одложувани планови за патување. Листите го слават светот во сета своја прекрасна примамлива разновидност“, порачува „Лонли планет“.

Окленд моментално е во карантин (Фото: Алами)

Најголемиот град во Нов Зеланд, кој моментално е недостапен за остатокот на светот поради строгите ковид ограничувања што ги воведе владата, е на првото место меѓу градовите, следен од Тајпеј (Тајван), Фрајбург (Германија), Атланта (САД), Лагос (Нигерија), Никозија (Кипар), Даблин (Ирска), Мерида (Мексико), Фиренца (Италија) и Гјонгџу (Јужна Кореја).

„Многумина не знаат дека во рамките на градот има 53 вулкани, над 50 острови, три вински региони и бројни плажи“, пишува „Лонли планет“.

Кукови Острови, малата самоуправувачка нација во Тихиот Океан во слободна соработка со Нов Зеланд, е најпосакуваната држава за следната година. Таа се состои од 15 острови со копнена површина од вкупно 240 квадратни километри.

На топ 10 листата се најдоа и Норвешка, Маврициус, Белизе, Словенија, Ангила, Оман, Непал, Малави и Египет.