КИРЕ ЛАЗАРОВ ЌЕ ОБЈАВИ АВТОБИОГРАФИЈА КАКО ПЕЧАТ НА ИГРАЧКАТА КАРИЕРА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Еден од најдобрите голгетери во историјата на ракометот Кире Лазаров го најави излегувањето на својата автобиографија, напишана во соработка со српскиот спортски новинар Жика Богдановиќ. Насловена „Секогаш на победа“, таа претставува своевидно заокружување на долгата и богата играчка кариера на Лазаров, која почна уште во средината на последната деценија на минатиот век во Свети Николе и се очекува да заврши следното лето во француски Нант.

Книгата ќе биде промовирана следната недела во Скопје, а во ноември треба да излезе и српското издание.

„Мило ми е што проектот го доведовме до крај. На крајот на една фаза од мојот спортски живот сакав да оставам една ваква книга зад себе, од која луѓето ќе научат многу работи. Читателите ќе добијат подобар увид во тоа дека спортист, без разлика колку е успешен, мора да тргне на патот кон постигнувањето на своите цели. Се надевам дека луѓето во Македонија, а наскоро и во целиот регион, ќе ја прочитаат книгата во еден здив“, вели Лазаров во најавата на книгата.