И НА 40 СТЕПЕНИ СЕ СКЕЈТАШЕ ВО ПРАГА НА 31. МИСТИК СКЕЈТ КУП

Прага, (СМАРТ СДК.МК)

Над 200 скејтбордери од сите континенти го претворија островот Штванице во Прага во вистински светски центар на скејтбордингот за време на 31. издание на Мистик скејт купот, еден од најстарите и најпрестижни европски скејт натпревари, кој традиционално е дел од Светскиот скејт куп.

(Фото: СМАРТ СДК.МК)

Она што го прави овој настан посебен не се само натпреварите, туку и атмосферата. Во текот на трите дена, натпреварувањата се одвиваа без прекин, а целиот простор функционираше како мал летен фестивал покрај реката Влтава. Посетителите можеа да уживаат во бројни штандови со храна и пијалаци, релакс-зони и вечерни концерти, кои ја продолжуваа забавата по завршувањето на спортската програма.
Островот Штванице е на само неколку минути пешачење од историскиот центар на Прага и населбата Карлин, што го прави настанот лесно достапен и за туристите и за локалните жители. Веднаш до скејт паркот се наоѓа и мало крајбрежје, каде што многумина бараа разладување во водите на Влтава.

(Фото: СМАРТ СДК.МК)

Годинава, единствен предизвик беше екстремниот топлотен бран што ја зафати Европа. Температурите достигнуваа до речиси 40 степени, но и покрај жештините, организаторите успеаја натпреварувањата да се одржат според предвидениот распоред, без одложувања.
Мистик скејт купот уште еднаш покажа дека е повеќе од спортски настан. Тоа е фестивал со опуштена, автентична скејтерска атмосфера, прилагоден за сите генерации, од семејства со деца до најверните љубители на урбаните спортови, успешно спојувајќи врвен скејтбординг, музика и летно уживање.

М. ЛАЗАРЕВСКА