Еквадор ги објави плановите за проширување на природниот резерват Галапагос, кој и сега е еден од најголемите на светот. Познат како дом на некои од најегзотичните животни на светот, но првенствено по огромните желки, тој треба да добие дополнителни 60.000 квадратни километри.
Сместен 1.000 километри од брегот на Еквадор, Галапагос моментално се простира на 130.000 квадратни километри. Тој сега треба да се прошири во правец на Костарика и да го опфати гребенот Кокос, каде што загрозени видови мигрираат и се хранат.
Новиот резерват ќе биде поделен на две еднакви области, при што риболовот ќе биде целосно забранет во една, а во другата ќе биде ограничен.
„Овој ден ќе влезе во историјата. Ова не само што ќе го зајакне биодиверзитетот во областа, туку и нашата борба против климатските промени“, изјави претседателот на Еквадор, Гилермо Ласо.
Галапагос е вториот најголем природен резерват на светот, каде што живеат 2.900 морски видови.