Среде сувата пустина и планините на Ал Ула во северозападна Саудиска Арабија, археолозите работат на ископувањето на остатоците на древните и долго заборавени кралства Дадан и Лихјан. Ал Ула, која стана популарна туристичка дестинација откако беше отворена во 2019, е главно позната по величествените гробници на Мадаин Салех, 2.000 години стар град врежан во карпите.
Тим на француски и саудиски археолози сега се фокусира на пет околни локалитети, поврзани со даданската и лихјанската цивилизација, кои цутеле пред 2.000 години.
„Овој проект се обидува да ги отклучи мистериите на овие две цивилизации“, вели Абдулрахман Ал-Сохалбани, еден од водачите на истражувањето.
Дадан е спомнат во Стариот завет, додека лихјанското кралство било едно од најголемите во своето време, протегајќи се од Медина до денешен Јордан. Тие постоеле околу 900 години, до 100 година од новата ера и контролирале клучни трговски маршрути, но многу малку се знае за нив. Археолозите се надеваат дека ќе научат повеќе за тамошните обреди, социјален живот и економија.
„Досегашните истражувања беа ограничени на главното светилиште, но ние сакаме да добиеме сеопфатен преглед на локалитетот, како изгледал и какви биле материјалната култура и економијата“, изјави Жером Ромер од францускиот Национален центар за научни истражувања.