СИ-ЕН-ЕН ГИ ВБРОИ МОСТАР И КОРЧУЛА МЕЃУ НАЈУБАВИТЕ МАЛИ ГРАДОВИ ВО ЕВРОПА

Њујорк, (Си-Ен-Ен)

Париз, Рим, Барселона, Венеција и Амстердам се меѓу дестинациите кои се наоѓаат на сечија листа на желби, но Европа е полна со мали градови кои ги краси еднакво заводлива архитектура и култура, со тоа што гужвите се далеку помали.

ГИТХОРН (ХОЛАНДИЈА)

Го нарекуваат холандски одговор на Венеција, со тоа што го нема претераниот туризам. И тука животот се врти околу вода, но во центарот нема автомобили и наоколу можете да се движите само со чамец или пешки.

ГИМАРАЕШ (ПОРТУГАЛИЈА)

Бил именуван за прв главен град на Португалија во 12. век и неговото средновековно јадро остана речиси недопрено. Меѓу локалните специјалитети се издвојува torta di Guimaraes, пециво полнето со тиква и толчени бадеми.

АНГЈАРИ (ИТАЛИЈА)

Лебдејќи на рид на границата на Тоскана и Умбрија, Ангјари е мал утврден град, чии извртени пешачки улички се исполнети со палати изградени од мистериозните платеници кои живееле тука во периодот на ренесансата.

НАФПЛИО (ГРЦИЈА)

Своевремено престолнина на Грција, Нафплио е крајбрежен град на Пелопонез, чии обележја се стариот град и дворец во венецијански стил.

МОСТАР (БиХ)

Стариот мост, изграден од Турците во 16. век, долго време важеше за еден од најубавите примери на исламската архитектура на Балканот. Надвиснувајќи се над Неретва, тој беше уништен во војната во 1993 и на негово место беше изграден нов во 2004.

КОРЧУЛА (ХРВАТСКА)

Кога самиот остров не е доволен, тука е Корчула, која се издвојува како мал полуостров. Локална легенда вели дека Марко Поло бил роден тука. Зад венециското владеење останале прекрасни згради, блескави бели улици и куќи издлабени од локален камен, сето тоа речиси целосно окружено од Јадранското Море.

ПИРАН (СЛОВЕНИЈА)

Словенија има мало крајбрежје, но тоа е дом на неколку преубави гратчиња. Пиран го нарекуваат мала Венеција, чиј идиличен изглед го дополнуваат рибарските чамци во малото пристаниште.

ТАРНОВ (ПОЛСКА)

Стариот Град на Тарнов е како мал град среде град. Тој е величествена мешавина од архитектонски стилови, со средновековни градби, готска катедрала и многу еврејско наследство.

РЕИНЕ (НОРВЕШКА)

Ако барате мал зафрлен норвешки град покрај вода, Реине е идеален избор. Тоа е еден од најспектакуларните пејзажи во архипелагот Лофотен, со црвените куќи во подножјето на карпести планински врвови.

КЛАВЛИ (ВЕЛИКА БРИТАНИЈА)

Магарињата своевремено биле единствениот начин на движење по стрмните улици на Клавли, рибарско гратче во југозападна Англија. Денес, сѐ уште не може да се вози со автомобил по нив, бидејќи градот е сместен на 120 метри висока карпа, а намирниците се превезуваат со санки.