КРАЛИЦАТА ПРВПАТ ПО 73 ГОДИНИ СЛАВИ БОЖИЌ БЕЗ ПРИНЦОТ ФИЛИП, ВО 2022 ГО ОДБЕЛЕЖУВА ПЛАТИНЕСТИОТ ЈУБИЛЕЈ НА ТРОНОТ

Лондон, (Би-Би-Си)

Кралицата Елизабета Втора ќе испрати многу лична божиќна порака оваа година, на нејзиниот прв Божиќ без сопругот, принцот Филип, кој почина во април. Годишната порака била снимена минатата недела и традиционално ќе се емитува денеска во 16 часот.

Во обраќањето, таа зборува покрај врамена фотографија снимена за дијамантската годишнина од бракот со Филип во 2007 и притоа го носи истиот брош со сафир како на фотографијата, што пак го носела и на медениот месец во 1947 година.

Кралицата ја снимила пораката порано поради одлуката да остане во замокот Виндзор среде новото големо ширење на коронавирусот во земјата, а за Божиќ ќе ѝ се придружат членови на семејството. Не се очекува нејзино појавување во јавност викендов.

Во својата божиќна порака кралицата се осврнува на годината што изминува, а 2021 беше особено тешка за неа откако почина принцот Филип, со кого помина во брак 73 години. Кралицата имала само шест години кога нејзиниот дедо, кралот Џорџ Петти, ја емитувал првата божиќна радиопорака во 1932.

Следната година, пак, се одбележува платинестиот јубилеј, односно седум децении од доаѓањето на Елизабета на британскиот престол, додека истовремено постои загриженост за нејзиното здравје, откако во изминатите месеци таа се повлече од неколку важни јавни настани.