ПРЕДЈАМА – НАЈГОЛЕМИОТ ПЕШТЕРСКИ ДВОРЕЦ НА СВЕТОТ

Љубљана, (Си-Ен-Ен)

Предјама е еден од најисклучителните дворци на светот, изграден во отворот на комплекс пештери на крајот на долина во југозападна Словенија. Сместен на вертикална карпа, најстарите податоци за него датираат од 1202 година, додека денешната ренесансна фасада ја добил на крајот на 16. век. Денес е вклучен во Гинисова книга на рекорди како најголем пештерски дворец на светот.

Без разлика од кој правец му се приоѓа, дворецот е речиси целосно сокриен и станува видлив дури во последен момент. Кога ќе се влезе внатре веднаш е забележливо дека во Средниот век безбедноста имала предност во однос на удобноста: дворецот е непробоен, но толку е студен и влажен што во него речиси не може да се живее.

Дворецот, кој поседувал и судница и соба за мачење, менувал сопственици низ историјата, а последни, до крајот на Втората светска војна, било семејството Виндиш-Грец.

На третиот кат има отворена тераса од каде што се отвора спектакуларен и непречен поглед кон целата долина Локва. Под дворецот се наоѓа комплекс пештери, од кои една е долга 14 километри. Пештерите се затворени преку зима, зашто внатре се размножува и хибернира голема колонија лилјаци.