„ВИКТОРИЈА‘С СИКРЕТ“ ПРВПАТ АНГАЖИРАШЕ МОДЕЛ СО ДАУНОВ СИНДРОМ

Њујорк, (Си-Ен-Ен)

„Викторија‘с сикрет“ првпат ангажираше модел со Даунов синдром.

Дваесет и петгодишната Порториканка Софија Хирау се појави покрај 17 други жени за да ја промовира новата дневна колекција „Love Cloud“, со која брендот сака да ја зацврсти својата посветеност кон славењето на сите жени. Групата се состои од професионални и непрофесионални модели со различна возраст, боја на кожа и големина на тело. Миријам Бланко е во инвалидска количка, а Силвија Квон позира во поодмината бременост.

(Фото: Викторија‘с сикрет)

„Ова е остварување на сон. За мене, најважната работа е да покажам дека не постојат граници“, напиша Хирау на Твитер.

Таа дебитираше на модните писти во 2019 и беше ангажирана на Њујоршката модна недела во февруари 2020.

Најавувајќи ја колекцијата, креативниот директор Раул Мартинес кажа дека таа означува важен момент во револуцијата на брендот.