КАЈЛИ ЏЕНЕР ДЕБИТИРАШЕ НА РЕВИЈАТА НА „ВИКТОРИЈАС СИКРЕТ“ СО ГРАДНИК ВРЕДЕН 50 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

САД, (Вог)

Американската ТВ-ѕвезда Кајли Џенер (29) дебитираше на модната ревија на „Викторијас сикрет“ во Лос Анџелес, носејќи градник украсен со 4.410 природни дијаманти, вреден 50 милиони долари. Џенер беше најголемото изненадување на ревијата, а од публиката ја бодреа нејзиниот партнер, актерот Тимоти Шаламе и мајка ѝ Крис Џенер.

Луксузниот градник „Фантази бра“ (Fantasy Bra), кој оригинално го носеше шведската манекенка Елса Хоск во 2018, е изработен во соработка со јувелирската куќа „Џејкоб енд ко“. Во неговиот централен дел е поставен жолт дијамант од 75,54 карати, вреден 22 милиони долари. На изработката работеле 15 мајстори повеќе од 1.000 часа, а градникот тежи речиси 1,8 килограми.

Џенер носеше бели ангелски крилја, проѕирно здолниште и високи потпетици. Таа е првата жена која не е официјален „ангел“ на брендот, а го носела прочуениот градник на ревијата. Нејзината постара сестра Кендал Џенер претходно повеќепати настапи на ревиите на „Викторијас сикрет“.

Традицијата на луксузниот градник започна во 1996, кога Клаудија Шифер претстави модел вреден еден милион долари. Подоцна го носеа Хајди Клум, Жизел Бундшен, Тајра Бенкс и Адријана Лима.

(Фото: Гети)