НОВИОТ НАЦИОНАЛЕН МУЗЕЈ ВО ОСЛО ОД 600 МИЛИОНИ ЕВРА ЌЕ БИДЕ НАЈГОЛЕМИОТ ВО СКАНДИНАВИЈА

Осло, (Гардијан)

По музејот посветен на Едвард Мунк, Норвешка е подготвена да отвори уште една капитална културна установа која се градеше повеќе од очекуваното. Националниот музеј во Осло, вреден 600 милиони евра, ќе биде најголемиот во Скандинавија кога ќе се отвори на 11 јуни, што се случува по осум години чекање.

Со изложбен простор од 13.000 квадратни метри, во него ќе бидат поставени 5.000 дела, со што ќе биде поголем и од Рајксмузеум во Амстердам и Гугенхајм во Билбао.

Концептот за музејот потекнува од средината на 2000-ите, но одлуката на норвешкиот парламент од 2013 да ги обедини колекциите од четири постоечки музеи беше проследена со остра дебата.

„Овој музеј е добра идеја, зашто луѓето на едно место ќе можат да ја видат целата историја на норвешкото културно наследство“, вели Карин Хиндсбо, директорката на Националниот музеј за уметност, архитектура и дизајн, како што му е полното име.

Во него ќе можат да се видат средновековни таписерии, кинески царски порцелан, современи дизајни и мода, една од четирите верзии на „Вресок“ на Мунк, а на вториот спрат доминираат визуелните уметности. Посебно впечатлива ќе биде Светлосната хала, која ноќе ќе биде видлива од неколку километри, благодарение на 9.000 енергетски ефикасни ЛЕД-светилки.